-Паппас Пресс-

Информација која сите ги интересира!

„Матурска свадба“ и „бившите“ ученици

kikopappaskolumniВеќе сме при крајот на месец Мај и почеток на месец Јуни. Тема на разговор насекаде се матурските прослави, облеката за оваа „свечена“ церемонија и сите други организирања, кои некогаш се правеле само пред свадба.

Потресувањата за оваа „свеченост“ стартуваат уште во декември… Не, не, уште во септември. Најпрво е сликањето за на табло, односно „табла“ која ќе биде прикачена во центарот на Скопје и каде сите ќе можат да ви се „изначудат“ на вашата лепота. И тука започнуваат вашите прашања за тоа како ќе изгледате, зборувате за вашата коса, каква фризура да си направите, како да се нашминкате и слично. Мене сето ова ми е смешно и чудно, можеби затоа што јас за моето прво појавување на телевизија се немам толку „стокмено“ и „туфкано“ што да облечам. Но, ништо не е толку трагично од купувањето на нова гардероба само за сликањето и вадењето на една слика, патетика! На крајот на фотографирањето доаѓа до моментот „УЖАС СУМ“! Е па, да. Фотографот е крив.

Како и да е, мислам дека оваа година начинот на кој се прославуваа матурските забави беше мета и за медиумите. Се изнагледав фотографии, прилози, видео материјали со сосила созреани момчиња и девојчиња. Дрес кодот е дефинитивно важна работа, облеката за матура која ја носи матурантката, инаку, ја носи невестата за нејзината свадба, додека фештите по улици, испраќањето на матурантите од домовите и училиштата, музиката од типот на Цеца, Сузана Гавазова и слично не води дефинитивно во ќорсокак!

Јас всушност, оваа година бев на две матурски прослави. Едната беше кај мој близок роднина, а другата кај мој другар. Но, дефинитивно не беа од типот на овие горе-наведениве. Можеби затоа што сум бил кај матуранти а не кај матурантки? Не, дефинитивно. Разликата во овие „прославувања“ е во тоа што нивните родители имаат поразлични сфаќања. Тие, на нивните деца не им организирале „свадба“, туку собирање со најблиските, колку да се одбележи денот, за разлика од оние другите.

Не сакам да навредам никого, но не гледам што има тука за фалење и прославување? Додека цела година (дел од) матурантите се посвелите на матурската прослава, зошто, на пример, не се посвелите толку на матурската задача, на учењето, на проверка на знаењето? -Да имаше некој до мене, ќе ми речеше „Умре тоа време! Времето е на новата ера“. Сфаќам, најверојатно славите за парчето хартија кое ќе го држите во рака, но не сфаќам зошто не сте ми кажале дека го сакате тоа, па имам принтер ќе ви го испринтам и така секој ден ќе си славиме заедно.

Матурските прослави.. Охоо.. Тоа ви доаѓа нешто како настаните од типот на „Пиво фест“ и „Вино фест“ заедно.. Скратено кажано „Парада на пијанството“. За време на матурската прослава, нашите матуранти се натпреваруваат кој побрзо ќе се опијани, кој поголема глупост ќе направи и слично. Додека пак матурантките, тие се обидуваат да го внесат балканскиот синдром на разголување, да изгледаат како секс-бомби, па место „кралица на матурската вечер“ сакаат да наликуваат на „кралица на кафаната“!

Музиката трешти, ретко кој се сеќава како си поминува, алхохолот е тука, „летаат“ пари на сите страни, „паѓаат“ ора и чочеци.. Може да падне и некоја солза ако музикантот го промени жарнот на песни, па почне да свири нешто од типот на „Растајемо се ми“. Па така, тука им се растура фризурата, шминката им се расипува и од ташничето кое е големо колку еден „смарт фон“ почнуваат да вадат огледала и триста чуда! Стоиш, гледаш и се чудиш.. Дури успеваат да побудат и хистерија во тебе.

Знаете кој е пострашниот момент за македонските „моми“?! Ако „кокошката“ од IV-3 носи ист фустан како нејзиниот! Ама не дека стварно носи ист фустан, туку има слична боја, но хистерирањето си го прави своето, па така девојкава паѓа во депресии.. А тоа што сите четири години, на крајот од годината се молела да ја помине истата, нема врска.

Охоо! Додека тука „си тропам глупости“ за матурантиве, сликата со полуматурантите станува уште полоша. Сега дефинитивно сум согласен дека денешниве млади луѓе ги чекаат големи проблеми, како и искушенија. Полнолетството обично го означува прагот помеѓу тинејџерските години и сериозноста, но овде не го гледам ниту едното, ниту другото.

Каква зрелост покажуваат овие матуранти, кога успеваат да ги задолжат своите родители кај сите пријатели и роднини, за да си ги задоволат своите матурски потреби? Тие мислат дека е во ред да си ги задолжат своите родители за си го направат сопствениот кеф, па така, понатаму во животот секогаш ќе го практикуваат истото, а за да си ја остварат сопствената цел ќе го жртвуваат и целото општество.
Но, децата не се криви. И јас сум дете и знам како е. Но прагот на созреаноста изгледа ни е резличен. Можеби тој „праг“ ни е различен зашто моите родители никогаш не ме разгалиле, никогаш не ми попуштале, иако секогаш сум го имал она што ми треба, но како заслуга за добро направена работа! Но, ова воспитување траеше до 4тата година од мојот живот, потоа почнав да станувам самостоен. Додека мојата мајка беше на работа, јас дома седев сам и гледав цртани и „Златно славејче“. Воспитувањто била света работа!

Родлителите попуштаат на барањата на своите „лигави“ клинци, па така се вовлекуваат во криза. И покрај сите совети кои се даваат пред матурската забава, за последиците кои настануваат од конзумирање на премногу алхохол и дрога, нив „уво“ не ги боли, па така, само главоболката им кажува како си поминале на прославата, бидејќи тие не се сеќаваат.

Со ова ништо не сте постигнале! Ништо не сте постигнале ни ако сте се направиле „фраер/ка“ пред пријателите и роднините со тоа што сте се вратиле пијани дома, ниту пак со тоа што сте го земале тоа парче хартија во вашите раце и сте го завршиле средното училиште. Очигледно не знаете дека целиот живот човекот учи. Ништо не значи ниту ако сте матурирале, докторирале, земале диплома итн. Факт е дека луѓето денеска се се’ понеобразовани, кадрите ни се „гола вода“, а ние спиеме на тоа уво дека ќе завршиме факултет и ќе се вработиме. Поважно од тоа парче хартија е односот, моралните вредности, културата, знаењето.

Родителите на овие деца ги направија грешките, а ние ќе мора да ги поправаме. За крај, бидете сигурни дека постоеле позабавни моменти во вашиот живот од матурската вечер.. Но што би рекле „Пеперминт“, АМА АКО!

Автор: Кристијан Паппас Ландов

 

-ПаппасПресс- целосно ги задржува авторските права на овој текст. Забрането е секакво емитување, копирање (целосно или во делови) без претходна дозвола од редакцијата.

Напишете коментар

Information

This entry was posted on Мај 21, 2013 by in „Прва писмена работа“, Колумни.

Навигација